Заштита на интелектуална сопственост
Правата од интелектуална и индустриска сопственост се од суштинско значење за поттикнување на иновациите, креативноста и економскиот раст на целото општество. Управување со трговски марки, патенти и дизајни, водење постапка за регистрација на патенти, трговска марка, индустриски дизајн, авторски и други права кои се неопходни за нивна заштита и легално користење.


Патент- Претставува збир на ексклузивни права што државата му ги гарантира на пронаоѓачот и го штити неговиот пронајдок од употреба, искористување, злоупотреба и продавање од страна на други физички или правни лица. Патентот на сопственикот му овозможува ексклузивно право на изработка, користење, ставање во промет или продажба на изум заштитен со патент, и тоа во текот на ограничен временски период кој по правило не може да трае повеќе од 20 години. Суштинските услови што треба еден изум да ги задоволи за признавање патент се: новитет во однос на актуелната технологија, иновативност и индустриска применливост, односно практична примена. Признавањето на еден патент започнува со поднесување на писмена Пријава, како основен документ со кој се иницира постапката пред Државниот завод за индустриска сопственост.
Бренд- е идентификациски симбол, ознака, лого, име, збор или реченица, која ја користат компаниите за разликување на нивниот производ од другите. Комбинацијата на еден или повеќе од тие елементи може да се искористи за да се создаде идентитет на брендот. Откако брендот ќе создаде позитивни чувства кај целната публика, фирмата се вели дека има изградено капитал на брендот. Успешно изградениот бренд резултира со зголемување на продажбата, не само за специфичниот производ што се продава, туку и на другите производи што ги продава истата компанија. Еден добар бренд создава доверба кај потрошувачите и по доброто искуство со еден производ, веројатно е дека потрошувачот ќе проба и друг производ поврзан со истата марка. Овој феномен често се нарекува лојалност на брендот. Брендот е еден вид на збир од сите импресии кои Вашиот клиент ги добива од сите интеракции со компанијата и Вашиот производ. Правната заштита дадена на името на брендот се нарекува трговска марка.
Трговска марка– Од правен аспект, трговската марка претставува право од индустриска сопственост со кое се штити знак кој може графички да се прикаже и кој е подобен за разликување на стоките или услугите на еден учесник во прометот, од стоките или услугите на друг учесник во прометот. Со трговска марка се штитат знаци подобни за разликување, како што се: зборови, букви, бројки, слики, цртежи, комбинации на бои, тродимензионални форми, вклучително и форми на стоките или нивните пакувања, како и комбинациите на сите напред наведени знаци. Воедно, трговската марка може да се дефинира и како средство за давање на идентитет и личност на производот, која игра голема улога во персонификацијата на производите, правејќи ги препознатливи и доверливи за потрошувачите. Во ера на голема пазарна конкуренција, трговската марка станува средство преку кое купувачите можат да се осигураат во квалитетот и автентичноста на производот. Трговската марка не само што ја одредува идентификацијата на производот, туку игра и клучна улога во неговото позиционирање на пазарот. Така, трговската марка им помага на купувачите да го проценат квалитетот на производот, базирајќи ја својата проценка на репутацијата на самата марка. Затоа, одржувањето на релевантноста и веродостојноста на трговската марка е од исклучителна важност за успехот на секоја фирма. Трговската марка има значајно место во имотното портфолио на секоја фирма и таа претставува форма на корпоративна интелектуална сопственост. Денес, се забележува тренд на давање имотен карактер на трговските марки, што значи дека тие се гледаат како значајни имотни вредности. Трговската марка е клучна алатка за постигнување конкурентност и препознатливост на фирмите. Нејзиното правилно одржување и заштита се од суштинско значење за успехот на секоја компанија.
Лого- Често ја вклучува пораката, слоганот или производот што го нуди компанијата, симбол, текст или комбинација од симбол и текст, а целта е да се направи брендот да стане незаборавен и привлечен за потрошувачот. Компанијата вообичаено се консултира со дизајнерска фирма или тим за дизајн за да пронајде идеи за визуелните аспекти на брендот, како што е логото или симболот. Логото гради препознатливост и им помага на клиентите да го запомнат брендот како дел од визуелниот идентитет на една компанија.
Авторски права- Се права на авторите над своите авторски дела, правата на уметниците - изведувачи, на произведувачите на фонограми, на произведувачите на видеограми (филмски продуценти), на радиотелевизиските организации, на издавачите и на изготвувачите на бази на податоци, над своите предмети и на сродни права. Поради тоа, од суштинско значење е остварувањето и заштитата на авторското право и сродните права, преку примена на законските прописи.
Изработка на авторски договори- Авторскиот договор е писмен договор со кој авторот на одредено дело (текст, музика, дизајн, софтвер, фотографија итн.) му отстапува или му дозволува користење на авторските права на друго лице – физичко или правно. Овој договор е задолжителен кога се пренесуваат имотните авторски права и претставува правна гаранција за двете страни. Авторскиот договор во современиот дигитален и креативен свет и заштитата на авторските права е клучна за зачувување на интелектуалната сопственост. Овој вид на договор е еден од најважните правни инструменти што ги регулира односите помеѓу авторот и нарачателот, кој е потребно да се изработи професионално и прецизно, прилагоден на Вашите специфични потреби и проектни барања.
Консултирајте стручно лице кое ќе Ви ги објасни сите права и обврски како во текот на постапката, како и правните последици кои произлегуваат по завршување на постапката. Правни совети и мислења во писмена форма-Побарајте правен совет, мислење и консултација, ТУКА
Контакт
Aдреса
ул. Георги Димитров 11/1-4
нас. Кисела Вода, Скопје, Македонија
Контакт
+389 78 266 699
advokat@peshova.com
Powered by SUMMUS. All rights reserved.


